za Igor Janev
Време е за меѓународна легитимизација на името во ОН.
Проблем со името всушност и не постои бидејќи државите не може да имаат спорови околу државните имиња.
Повеќе од 20 години зборувам за тоа како да дојдеме до меѓународно признавање преку ОН со преименување на референцата бивша југословенска Република Македонија во уставното име Република Македонија. Тоа во меѓународаната политичка теорија е процес познат како меѓународна легитимизација, каде државата со признавањето од другите земји стекнува легитимитет (и државност).
Од друга страна, пак, мојата стратегија е делумно плагирана и искористена од Косово, кое преку признавањето од другите земји сака да добие критична маса држави при зачленувањето во УНЕСКО, специјализирана организација во системот на ОН. Таа цифра досега за Косово е 110 држави во светот т.е. во ООН. Но, треба да се забележи дека Косово не е држава-членка (а ние сме), па на Косово ѝ треба квалификувано мнозинство од 2/3 држави-членки од присутните кои гласаат .
Во случајот со Македонија, како полноправна членка на ООН, потребно е само просто мнозинство од државите членки од присутните и кои гласаат (просто мнозинство во салата на Собранието).
Во македонскиот случај, според моите информации бројката на држави кои нѐ признале под уставното име е 133. Србија, најверојатно ќе се изјасни против македонскиот интерес при гласањето во ОН. Сепак, бројката е сосема доволна за да се постигне простото мнозинство од држави-членки од присутните кои гласаат за предметите кои не се од суштинско значење за ООН.
Шансите во Генералното собрание на ООН се навистина големи во однос на нашето преименување во Република Македонија. Во салата на Собранието сигурно нема да има повеќе од 100 држави, а тоа значи дека во таков случај ни треба поддршка од само 51 држава-членка. Оваа цифра Македонија лесно може да ја оствари со лобирање.
Оваа работа со преименување можеше да се направи и во 2002 година кога имавме околу 110 држави кои нѐ признале под уставното име. Сега, ако паметно работиме, сигурно е дека ќе можеме да го оствариме универзалното признавање на Република Македонија во ООН. А потоа веќе нема за што да се преговара околу името со Грција. Со тоа процесот завршува.
Всушност, ние и пред гласањето во Генералното собрание на ООН можеме да излеземе од овој фиктивен и ирационален процес на преговарање со Грција за предмет за кој не може да постои меѓународен спор.
Многу луѓе во Македонија ме напаѓаат, велејќи дека САД ќе стави вето на ваквата акција. Сега, со администрацијата на новиот председател Трамп ова е речиси невозможно, бидејќи правото на вето САД ќе го користат за многу побитни работи. Според сите мои истражувања, докажано е дека за ваков проблем кој веќе со години не е во надлежност на Советот за безбедност на ОН, ниту се расправа за него во Советот, лесно ќе оди директно на Генералното собрание на ООН. Таму, со простата (директна) резолуција ќе се преименува државата која досега ја носеше рефернацата бивша југословенска Република Македонија,. Според резолуцијата „државата која досега членуваше како БЈРМ, членството го продолжува како Република Македонија”.
Според мене, проблем со името всушност и не постои бидејќи државите не може да имаат спорови околу државните имиња. Тоа што една држава не го признава името на друга држава е проблем на дипломатското признавање, а не дипломатски или правен спор! Владата на Република Македонија треба да објасни дека државното име не може, според меѓународното право, да биде предмет на фалсификување, крадење, одземање или наметнување, ниту пак може да се поврзе со територијалните права и обврски на својата, како ни на другите држави. Референцата или деноминацијата (прекрстувањето) е нелегална категорија во ОН, и со тоа не се решава овој квази спор, за дипломатското непризнавање на Република Македонија од Грција. Референцата всушност е нелегано обраќање или деноминирање со кое се добива лажен идентитет во ООН. Имено, Македонија е ставена во ситуација лажно да се претставува во ОН, и тоа со резолуциите за прием 817 на Советот за безбедност на ОН и 47/225 на Генералното собрание на ОН.
Конечно до Меѓународниот суд за правда може и да се постави прашање од Генерално собрание на ООН (на нашата иницијатива и со помош на другите членки на ОН) за легалитетот на дополнителните посебни услови при приемот на Македонија во ООН (за кое сметаме дека не се легални, т.е. за референцата и за преговорите со друга држава околу своето суверено право). Ова треба да биде во следнава форма: Are the specific conditions enshrined in resolutions GA Res. 47/225 (1993) of the General Assembly and SC Res. 817 (1993) of the Security Council in their parts relating to the denomination “Former Yugoslav Republic of Macedonia”, with the requirement for settlement of the “difference that has arisen over the name of the State”, outside the scope of the exhaustive conditions of Article 4(1) of the Charter of the United Nations and legally in accordance with the Charter of the United Nations?
Најпосле, ако се избориме за универзалното призанавање на името во ООН, можеби не веднаш, но по одереден временснки период ќе ни се олесни и зачленувањето во ЕУ и НАТО. Овој процес нема битно да се забрза, но од другата страна ние сега сме блокирани. Овој проблем во рамките на преговорите нема политичко решение.
Како заклучок, треба да кажам дека ние, Македонија, со години наназад имавме погрешен дискурс со идејната или идеолошката матрица за проблемот со името. Молчаливо или потсвесно сметајќи дека „Грците се во право” или дека тие имаат „супериорната дипломатија” т.е. дека „сигурно ќе изгубиме”... и не направивме ништо или чекавме некој друг (САД) да ни го реши проблемот. Наместо борба во ОН за легитимизација на државното име, останавме заробеници на идеологизираниот дискурс и дефетистичка матрица .
- za Igor Janev
(7 years ago)